Целта на проектот HOPE, кој е финансиран од ЕУ, е да ја поддржи советодавната работа со особен акцент на утврдување на компетенции кај жени, што би водело до нивна (повторна) интеграција на пазарот на труд. Процесот на советување со помош на ProfilPASS има за цел да ги охрабри жените со помалку можности да ги утврдат своите компетенции и силни страни и на тој начин да ја фасилитираат својата (ре)интеграција на пазарот на труд и во општеството. Жените се почесто во ситуации кои ги изложуваат на ризик од сиромаштија, како на пример поради прекин на работниот однос, или пак премин кон скратено работно време поради грижа за деца, членови од семејството, ниски приходи, миграција и бегалско искуство како и самохрани мајки или разведени мајки со деца.
Преку процесот на советување може да се утврдат компетенциите, да се разговара за нив со советникот се’ со цел да се воочат можни соодветни полиња за занимање и да се развие индивидуален план за понатамошните образовни и/или професионални патеки. Со помош на водени сесии за групно советување, се овозможува контакт со други жени во слична ситуација. Тоа ја зајакнува сликата што овие жени ја имаат за себеси, им ја подига самодовербата и преиспитувањето на половите улоги.
Проектот го става во фокусот и аспектот на светската пандемија на Ковид 19, кој промовира традиционални улоги на половите и дополнително ја заострува ситуацијата за жените изложени на ризик од сиромаштија. Ова има за цел да ги промовира долгорочните позитивни ефекти од (ре)интеграцијата на жените на пазарот на труд како пример за другите, на пр. нивните деца.
Во основа на овој проект лежи намалувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост на жените, како една од централните точки за загриженост на Европската комисија и ОН. Европската Агенда за Нови Вештини, усвоена во 2010 е предлог иницијатива на Европската комисија, која има за цел да им даде на луѓето нови можности, на пример преку континуирано стекнување на квалификации и вештини, а со тоа и зголемување на стапката на вработеност. Токму тука настапува ProfilPASS, како алатка за проценка на компетенции, бидејќи тој е развиен специјално за целната група на жени изложени на ризик од сиромаштија. Негова понатамошна цел е половата еднаквост, која како таква е нагласена во Агендата 2030 за одржлив развој, прогласена од ОН, како и Стратегијата за полова еднаквост 2020-2025, развиена од Европската комисија. HOPE се стреми кон поддршка на советувањето и утврдувањето на компетенции и силни страни, како и охрабрување на жените во поглед на нивната (ре)интеграција на пазарот на труд.
Во рамките на HOPE ќе бидат изработени разновидни материјали, со цел да се поддржат советниците во нивната работа со целната група на жени изложени на ризик од сиромаштија. Фокусот ќе биде ставен на понатамошното унапредување на ProfilPASS, земајќи ги предвид специфичните ситуации на целната група, нивните искуства и професионална ситуација. Веќе постоечкиот ProfilPASS ќе биде надополнет со специфични поглавја и помагала како што се биографски примери, кои имаат за цел да ја изразат разноликоста, но и да го поедностават користењето на содржините и нивниот трансфер во животната реалност на целната група. Восприемањето на текстуалните содржини е поддржано со користење на илустрации и слики соодветни за целната група. Новиот ProfilPASS ќе биде надополнет со база на податоци за служби и услуги за помош (грижа за деца, советодавни услуги итн.). Во дополнение, ќе бидат развиени и материјали за поддршка на советодавната работа со жени (жени што се враќаат на работа, млади мајки, жени со мигрантско потекло). Постоечки инструменти за проценка на компетенции од сите партнерски земји, ќе бидат собрани и презентирани во публикација. Понатаму, ќе бидат изработени материјали за квалификација (прирачник и курикулум) за советници. Тие ќе служат како база за спроведување на обука за советници. Прирачникот кој претставува водич за советниците, објаснува како да се работи со адаптираниот ProfilPASS и нуди понатамошни информации за работа со жени изложени на ризик од сиромаштија. Курикулумот пак, содржи упатства и препораки за обука на советници, за сетот алатки и за адаптираниот ProfilPASS. По изработката на материјалите, ќе се реализира обука за советници од сите партнерски земји. Вкупно 32 советници ќе бидат корисници на овој тренинг. Во фазата на тестирање што ќе уследи потоа, ќе бидат советувани 120 жени на ризик од сиромаштија. На крајот, материјалите ќе бидат евалуирани и доработени. Во соработка со проектот DISCOVER (ProfilPASS за стартапи), ќе се фасилитира меѓународно вмрежување помеѓу жените по пат на виртуелни тркалезни маси.
Оваа веб-локација е изготвена со поддршка од програмата Механизам за граѓанска отпорност што се финансира од Европската Унија. Содржината е исклучива одговорност на Центар за доживотно учење и не мора задолжително да ги одразува ставовите на Европската Унија.